Василица се прослави со оган и лепче со паричка во населбата Железничка

Василичарскиот оган вчеравечер по 30. пат се запали во населбата Железничка во Штип. Со многу музика, храна, оган и топли пијалоци на студеното време, жителите го прославија празникот Василица и ја дочекаа Стара Нова година.

„Како и секоја година, така и оваа сѐ е подготвено и се очекува да се запали суроварскиот оган. Сите луѓе, мештани, кој сакал, дошол“, рече Нако Михаилов, претседател на УЗ Железничка.

Лепчето со паричка се делеше и годинава, а стариот и новиот кум порачаа многу здравје и сплотеност меѓу жителите. Присутните, пак, и стариот кум предавајќи го кумството на новиот кум му посакаа многу успех и благослови во претстојната година.

„Честа и задоволството изминативе две години да бидам кум ми припадна мене и јас сум многу среќен поради тоа. На новиот кум свечено ќе му го предадеме кумството и му посакувам многу здравје и успех во годината што претстои, а исто така им посакувам и многу успех, среќа и здравје на граѓаните на Железничка и на Општина Штип“, истакна стариот кум, Благојчо Манчев.

„Голема чест, голема радост ми е, задоволство ми е да го честитам празникот на сите верници. Добредојдовте сите на Железничка! Триесет години учествувам, првпат паричката е кај мене. Среќен сум, пресреќен, сите да бидеме среќни, населбата да ни биде огледало на градот и луѓето да бидат сплотени, среќни и весели“, истакна новиот кум, Атанас Крстовски.

На манифестацијата присуствуваше и претседателката на Советот на Општина Штип, советници од владеачкатата ВМРО – ДПМНЕ, директори на јавните претпријатија, како и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој го честита празникот со надеж дека традицијата ќе се зачува и ќе продолжи, а претстојната година ќе биде просперитетна и успешна за сите жители.

„Во духот на христијанската традиција вечерва го запаливме василичарскиот оган во населба Железничка. Традицијата овде продолжува, посакувам многу здравје и берикет на сите жители на нашиот град. Следните години нека бидат години на развој, да се гледаме за убави работи, на вакви настани! Славиме, ја дочекуваме православната нова година на еден традиционален начин. Јас се надевам дека од година на година ќе продолжи оваа традиција. Да си посакаме бериќет и здравје во следните години!“, истакна Јорданов.

Огнот кај Железничката станица на овој ден се пали уште од 1992 година, а жителите меѓусебно си порачаа продолжување на традицијата.

Ребека Спасова М-Нет