Вардарски се израдува на првата сезонска победа, петарда за Рудар во Дојран, победи за Овче Поле и Малеш

Денес започна пролетната полусезона од Третата македонска фудбалска лига – Исток со четири натпревари, наместо со шест, бидејќи екипите на Брегалница од Делчево и Победа од Валандово се откажаа од понатамошно натпреварување.

Најубедлива победа на стартот од пролетниот дел однесе екипата на Дојранско Езеро која со убедливи 5:0 славеше над Рудар од Пробиштип. Двоен стрелец на натпреварот беше Кирил Коколански, а по еден гол запишаа Јован Ајцев, Олвиер Маринковиќ и Глигор Јанкулов. Со овие три бодови Дојранско Езеро се проби на петото место на табелата, а пак Рудар се спушти на шестата позиција на табелата.

Овче Поле тргна победнички во пролетниот дел и најавува дека ќе силно ќе атакува за првото место и со тоа одново да се најде во баражот за Втора лига. Третолигашот од Свети Николе на денешното гостување во струмичко Градско Балдовци со 1:3 беа подобри од Спартмани.

Победата беше најавена уште во првиот дел кога резултатот беше 0:3 за гостите од Свети Николе. Двоен стрелец беше Берти Стојановски, а еден гол беше дело на Марио Панев. Во вториот дел Драги Глигоров го ублажи поразот на конечните 1:3.

Малеш ја оправдата улогата на фаворит, откако на домашен терен со минимални 1:0 го доби дуелот со Карбинци, а стрелец на единствениот погодок беше Илија Шонтевски, кој стралеше во 52. минута од мечот.

Беровчани се пробија на четвротото место на табелата со 23 бодови, додека пак Карбинци е на 10-тото со 12 бодови на своето конто.

Тиверија на домашен терен беше поразена со високи 0:3 од екипата на Вардарски со што третолигашот од Богданци за првпат се израдува на три бода. Првиот дел беше неизвесен во Струмица, а во вториот дел Валетин Михајловски со два гола во 58. и 72. минута обезбеди предност од два гола, а во финишот Петар Јованов ја потврди првата победа за Вардарски.

Инаку, екипата на Вардарски претрпе сериозен „ремонт“ во ростерот за вториот дел од сезоната, а тоа беше потврдено со прва победа дури на стартот од пролетниот дел.

Екипите на Осогово и Академија Чешиново Облешево кои беа слободни во првото коло ќе добијат службени три бода, па во таков случај лидерот на табелата Осогово ќе има 32 бодови, а неговиот најсериозен конкурент за баражот Овче Поле е втор со 26 бодови.