Академијата не е само институционална новина. Таа е инвестиција во квалитетот, интегритетот и ефикасноста на јавната администрација, а со тоа и во довербата на граѓаните во институциите, со овие зборови министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја отвори првата работна сесија со тимот кој ќе биде дел од Академијата за обука и стручно усовршување на јавните службеници, која треба да започне со работа на полетокот од 2027 година.
Во изминатиот период беа поставени основите за формирање на Академијата, беше спроведена анализа на постојната состојба и потребите, а во наредниот период следува дефинирањето на организацискиот модел, клучните функции и оперативната поставеност на новата организациска единица во рамките на Министерството за јавна администрација.
Во рамките на дводневната работна сесија тимот ќе работи на подготовка на клучните документи за воспоставување на Академијата, како и на преточување на стратешката рамка и четирифазниот патоказ на реформата во конкретен, реалистичен и временски дефиниран акциски план. Овие документи ќе ја постават основата за започнување на оперативната фаза и функционирањето на Академијата во состав на Министерството за јавна администрација.
„Работата во овие два дена бара од секого од нас конкретност и посветеност. Не бараме уште еден документ на хартија, бараме јасен, реалистичен и спроведлив акциски план, со прецизно распределени одговорности, идентификувани ризици и временска рамка на која можеме да се потпреме. Тоа е она што ќе го означи вистинскиот почеток на оперативната фаза на Академијата“, истакна министерот Минчев.
Работната сесија се реализира во соработка со Регионалното училиште за јавна администрација – РеСПА. Преку менторската поддршка, регионалната експертиза и споделените искуства и практики од земјите во регионот, Министерството за јавна администрација добива значајна поддршка во процесот на градење на одржлив и функционален институционален модел на Академијата.
„Воспоставувањето на Академијата претставува важен чекор во создавањето современа, професионална и ефикасна јавна администрација, во која континуираното учење, развојот на компетенции и стручното усовршување ќе бидат составен дел од професионалниот развој на јавните службеници“, велат од Министерството за јавна администрација и додаваат дека продолжуваат посветено да работат на реформите кои значат поквалитетна администрација, подобри услуги за граѓаните и создавање услови во кои јавните службеници ќе имаат можност континуирано да ги развиваат своите знаења и професионални компетенции.
Текстот МЈА ја започна оперативната фаза за воспоставување на Академијата за обука и стручно усовршување на јавните службеници е превземен од МАКФАКС.