Вакцинацијата со послабо темпо, се вакцинира во Казнено – поправниот дом Штип

Со процесот на имунизација опфатени и вработените и затворениците во Казнено – поправниот дом Штип. Таму досега повеќето се вакцинирани со прва доза, па во тек е и ревакцинацијата, со што се аплицирани над 60 дози вакцини.

„Освен денешната редовна вакцинација во Здравствениот дом, истата се одвива и по институциите, така што денес на терен се излезени тим во Затворот. Таму се врши ревакцина на вработените и на затворениците“, истакна заменик координаторката за вакцинација, Ана Бурева.

Тековната вакцинација во Здравствениот дом во Штип, пак, се одвива со помалку работа и намалено темпо. Просечните бројки се околу 200 граѓани за ревакцина и 50 – 60 за прва доза.

„Во текот на вчерашниот ден се вакцинирале околу 260 граѓани, од коишто 200 се за втора доза, а останатите за прва доза. Во текот на денешниот ден имаме закажано околу 200 лица за втора доза, а до овој момент се вакцинирани 75 лица“, информираше Бурева.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови во државата. Досега две дози вакцина примиле над 750 илјади граѓани, а вкупно се аплицирале скоро 1.500.000 дози вакцини.

Ребека Спасова МНет