В сабота на 19 јули нов „Марш за ангелите“ во Кочани, марш на болката и борба за правда

Здружението на граѓани 16 Март 2025 Кочани, известуваат дека во сабота ќе се оддржи 15. по ред протестен Марш за ангелите. Идентично како и претходните саботи ќе се движат по веќе утврдена рута, почнувајќи од Градскиот парк во Кочани, преку трговскиот центар, општината, полицијата завршувајќи пред Јавното обвинителство и Судот во Кочани.

„Денес, 16 јули 2025 год., четири месеци по најголемата трагедија во поновата историја на нашата држава, ние, родителите и семејствата на трагично починатите деца, Ве известуваме дека на 19.07.2025 година ќе се одржи петнаесетиот Марш на ангелите – марш на болката и борбата за правда.

Маршот ќе започне во 18:05 часот – време што симболично ја претставува доцната и за жал, фатална институционална реакција.

Ве повикуваме со отворено срце да ни се придружите – да маршираме заедно во тишина, тишина која симболизира гласно потсетување дека ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори – ниту за едно дете, ниту за една мајка.“ – стои во соопштението на здружението.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет