Брегалница против Гостивар за излез од кризата, мега-пресметка на Вардар и Шкендија

Овој викенд се играат натпреварите од 24. коло од Првата македонска фудбалска лига. Пет натпревари ќе се одиграат во сабота, а еден во недела.

Брегалница на Градскиот стадион во Штип ќе го пречека тимот на Гостивар против кого и ќе бара излез од резултатската криза, бидејќи само три бодови се шанса за Брегалница да продолжи сериозно да се бори за директен опстанок во елитата.

Гостивар оваа пролет има четири ремија и еден триумф, а во Штип доаѓа по осмиот сезонски триумф.

Последнопласираната Македонија ЃП ќе го пречека тимот на Тиквеш во меч каде гостинот доаѓа како фаворит за трите бодови. „Лавовите“ се во тешка резултатска криза и во пролетниот дел нижат само порази, а од друга страна Тиквеш е најдобрата елита оваа пролет во „елитата“.

Во Кратово ќе се соочат Силекс и Брера Струмица во израмнет дуел за трите бодови. На „Борис Трајковски“ во Маџари ќе се одигра мега-пресметката меѓу Вардар и Шкендија, трите бодови се императив и за двете страни.

Воска Спорт на „Билјанини Извори“ во Охрид ќе се соочи со Шкупи во натпревар каде трите бодови за охриѓани се важни за опстанок, а пак за гостинот се важни во трката за титулата.

Колото ќе се комплетира во недела со дуелот меѓу Работнички и шампионот Струга. И на овој дуел кој ќе се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ трите бодови ќе бидат важни и за двете екипи.

Сите натпревари ќе започнат во 15 часот.

Александар Ванев, М-Нет