
Хуманоста повторно е ставена на испит. Семејството, пријателите и жителите на село Ињево упатија јавен апел до сите хумани граѓани, компании и институции да се вклучат во акцијата за спас на животот на нивниот сограѓанин Стојанче Костадинов.
Младиот Стојанче со години водел тешка битка со камења во бубрезите, но неговата здравствена состојба неодамна нагло се влошила. Според информациите, неговите бубрези целосно откажале, а тој моментално се наоѓа на лекување во приватна болница, каде се бори за својот живот.
Трошоците за лекувањето се огромни и од ден на ден растат. Досега тие достигнале околу 1.300.000 денари, а семејството не е во можност самостојно да го издржи финансискиот товар. За целосното лекување се потребни околу 30.000 евра.
Од Ињево упатуваат искрен повик до сите луѓе со големо срце да помогнат, бидејќи, како што велат, секоја донација – без разлика на износот – значи уште една надеж и чекор поблиску до оздравувањето на Стојанче.
Средствата се уплаќаат на сметка на неговата мајка, Спасена Костадинова.
„Помагајте луѓе, заедно можеме многу“, порачуваат неговите најблиски, надевајќи се дека хуманоста ќе победи и овојпат.
Секој кој е во можност може да придонесе и со споделување на апелот, за да стигне до што поголем број луѓе. Во вакви моменти, секој гест на солидарност може да направи огромна разлика.