
Прволигашот Брегалница остана без уште еден фудбалер, искусниот Горан Силјановски – Шаро се раздели со „сините“ и го засили второлигашот Охрид кој цели кон влез во Првата македонска фудбалска лига.
И натаму е неизвесно околу Брегалница, а Охрид веќе успеа да се засили со двајца фудбалери од штипските „сини“, покрај претходно и Дамјан Масевски пристигна во таборот на „рибарите“.
Силјановски е искусен фудбалер кој низ неговата кариера покрај за Брегалница, настапуваше и за Беса од Добри Дол, Работнички, Ренова, Вардар, Македонија ЃП, а меѓународна кариера градеше во Албанија настапувајќи за екипите на Динамо и Фламуртари.
Популарниот Шаро со Брегалница успеа да направи успех откако ја освои Втората лига и влезе во Прва лига, а тој успех сега 36-годишниот фудбалер сака да го повтори и со Охрид.
Во неговата кариера еднаш беше шампиоон со Работнички во сезона 2013/2014, а трипати го подигаше Куп трофејот – двапати со Работнички во сезона 2013/2014 со што ја освои двојната круна, потоа и во сезона 2014/2015, а претходно тоа му успеа и со Ренова во сезона 2011/2012.
„Рибарите“ се засилија и со Валентин Кочоски, а во следниот период ќе бидат промовирани уште неколку искусни имиња.
Охрид новата сезона во Втората лига која стартнува на 15 август ја отвара против Новаци на домашен терен.
Инаку, од Брегалница досега официјално си заминаа покрај Силјановски и Масевски кои веќе се нови играчи на Охрид и Јорданчо Наумоски кој се врати во Пелистер, како и Мартин Димоски – популарниот Робен од Штип, а има и уште неколку заминувања.
Александар Ванев, М-Нет