
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска престојуваше во Кочани заедно со дел од својот тим, со цел лично да се информира за сите околности поврзани со бегството на лице познато на полицијата од полициската станица – инцидент што, според него, сериозно ја нарушил довербата во полициската служба.
Јанев порача дека станува збор за недозволив случај кој мора целосно да се расчисти и најави дека доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе следува одговорност за сите инволвирани.
Тој информираше дека Внатрешната контрола, со поддршка од повеќе централни оддели во Бирото за јавна безбедност, веќе спроведува темелна проверка на сите околности и на лицата поврзани со случајот. Според директорот на БЈБ, секој кај кого ќе биде утврден пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран, а процесот мора да биде професионален и непристрасен.
Во својата изјава Јанев испрати и силна порака дека „локални шерифи нема да постојат“ и дека никој кој свесно или несовесно дозволил прекршување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност.
Тој истакна дека е особено разочаран што ваков инцидент се случил токму во овој регион, додавајќи дека очекувал ваквите пропусти да останат во минатото. Според него, ваквите постапки ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници.
На крајот, директорот на БЈБ нагласи дека законот мора да важи еднакво за сите, потенцирајќи дека криминалците ќе бидат пронајдени, а секој што помогнал, дозволил или премолчил незаконско постапување ќе сноси соодветна одговорност.