Mицкоски: Граѓаните сакаат реформи и континуитет, а не предвремени избори

Реформи и континуитет на оваа Влада се она што го сакаат граѓаните, а не предвремени избори, посочи премиерот Христијан Мицкоски. Тој истакна дека владејачката коалиција има добиено мандат од граѓаните за четири години и дека Владата има обврска да продолжи со реализација на започнатите процеси. Мицкоски, сепак, вели дека доколку опозицијата смета дека се потребни предвремени избори и го побара тоа, власта е подготвена да го прифати барањето.

,,Граѓаните не сакаат избори, граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите коишто ги води оваа Влада, затоа ја направив оваа споредба на почеток 3:1, на перформансите на оваа влада споредено со претходната влада. Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме влада 4 години. Но она коешто јас вчера го кажав ќе го потврдам, а тоа е доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира ние како кукавици нема да седиме на страна, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме“, кажа Мицкоски

Премиерот Мицкоски ja остава отворена можноста за предвремени избори, но повторува дека приоритет за Владата остануваат реформите и продолжувањето на започнатите процеси.

Ева Тушевска, М-Нет