
Второлигашот Беласица продолжува да оддава почит кон сите легенди кои дале многу за клубот од Струмица во минатото. Беласица прослави 104. години постоење со меч под рефлектори против Детонит Плачковица од третото коло на Втора лига, меч кој го следевте во живо на М Нет телевизија, а кој заврши без победник (1:1) за делба на бодовите.
Клубот кој е основан во далечната 1922 година пред вчерашниот меч го промовираше веб сајтот посветен на историјата на Беласица, каде се опфатени сите сезони од почетокот на клубот дод денес. По промоцијата на веб сајтот беа доделени седум плакети на играчите со најмногу настапи за Беласица, тоа се Петар Андреев, Милан Василев, Ристо Панов, Костадин Секулов, Томе Стојанов, Дончо Георгиев и Ључо Мафков.
Пред почетокот на мечот меѓу Беласица и Детонит Плачковица беа доделени и врамени дресови на две легенди на струмичката фудбалска гордост. На најдобриот стрелец на сите времени на Беласица, Љупчо Мафков и на голманот со најмногу настапи за Беласица, Дончо Георгиев.
Во 13 сезони Георгиев запиша 262 натпревари за Беласица, а пак Мафков за десет сезони одигра 260 натпревари со 115 постигнати погодоци.
Нема да биде заборавен, ниту најверниот навивач на Беласица, починатиот Петре Анџиев, за кој има изработено плакета, која ќе биде поставена на столчето, од каде го гледаше секој натпревар на Беласица.
Поранешниот прволигаш Беласица и во оваа сезона додека дозволуваат временските услови натпревари на домашен терен ќе ги игра во вечерен термин.
Александар Ванев, М-Нет