Тежок пораз за Кожуф, Еуромилк ГЛ и Шкупи без бодови, прва радост за Пелистер и Тетекс

Третото коло на Втората лига донесе прва радост за Пелистер, првите бодови за Осогово и Новаци, но и нови порази за Еуромилк ГЛ и Шкупи, а на М Нет телевизија следевте два натпревари од Кочани и Струмица.

Единствениот меч кој заврши без голови меѓу Осогово и Новаци во Кочани откако двете екипи одиграа 0:0 и ги поделија бодовите. Дефинитивно двете екипи нема да бидат задоволни од овој резултат, особено гостинот кој не тргна според планот и се’ уште чека на првата радост, како и „жетварите“ кој стигнаа до прв бод, меч кој се емитуваше на М Нет телевизија.

Еуромилк ГЛ доживеа нов пораз откако со минимални 1:0 загуби од Работнички, каде само еден гол го реши победникот за три бодови на контото на „романтичарите“, а на минимална победа се радуваше и Пелистер, кој со 0:1 го доби тимот на Македонија ЃП во дерби на два лански прволигаш. За битолчани ова е прва сезонска радост откако претходно двапати резимираа.

Брера Струмица на домашен терен стигна до триумф над новајлијата Камјани со резултат од 2:1, со што трите бодови останаа кај домаќинот, а пак Тетекс со сигурни и убедливи 1:3 славеше над Шкупи. Ланскиот прволигаш од Чаир продолжува со серијата порази.

Најубедлива победа имаше Охрид, откако славеше со високи 5:1 над Кожуф, во натпревар каде Антонио Каланоски постигна четири погодоци.

Колото се затвори синоќа со натпреварот меѓу Беласица и Детонит Плачковица во вечерен термин, дерби на струмичани и радовишани кое го следевте во живо на М Нет телевизија, а на кое дерби победник немаше – конечниот исход беше 1:1.

Спасиќ си постигна автогол за водство на Беласица во првиот дел, а во второто полувреме Филип Димоски од пенал реализираше успешно за конечни 1:1.

На делба на врвот се две струмички екипи Брера и Беласица со по седум бодови, а на дното без бодови се Шкупи и Еуромилк ГЛ.

Александар Ванев, М-Нет