Нова ера за штипската кошарка: КК Соколи станува Градски кошаркарски клуб Штип АД

Едногласно советот на општина Штип на денешната седница донесе одлука за основање и учество на општина Штип како единствен основач на акционерско друштво за вршење дејсност спорт Градски кошаркарски клуб Штип АД Штип.

Со ова кошаркарскиот клуб Соколи кој ќе се натпреварува во Супер лигата ќе настапува под Градски кошаркарски клуб Штип, како акционерско друштво, бидејќи за настап во кошаркарската елита, клубот мора да биде во форма на акционерско друштво.

Локалната самоуправа останува силно посветена на спортот, кошарката во градот под Исарот добива силна поддршка и промоција.

Како што посочи и градоначалникот Иван Јорданов на 9 септември ќе биде отворена и новата спортска сала „Џексон“ со кошаркарски натпревар, место каде штипските кошаркари ќе ги играат натпреварите од Супер лигата, а каде навивачи ќе даваат силна поддршка на ГКК Штип.

Градот под Исарот доби уште еден клуб кој ќе се натпреварува во најсилно домашно натпреварување, Штип го потврдува приматот за спортски град.

Александар Ванев, М-Нет