Мојсоска: Добивме повеќе министри за здравство за две години отколку што се изградени клинички центри за 35 години

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во расправата за реконструкција на Владата, се осврна на министерството за здравство и потенцираше дека честите кадровски смени не ги решаваат наталожените проблеми во здравствениот систем, кој се соочува со недостиг од лекови, нефункционални институции, кадровски дефицит и партизација:

„Денес тука дочекавме да назначиме и трет министер за здравство во две години владеење. Ама лицата со хемофилија повеќе од една година го чекаат лекот, факторот осум. И јас затоа од старт ќе го информирам новиот министер Клековски дека, иако во јануари во ова Собрание беше ветено дека тендерот за лекот за хемофилија ќе пристигне брзо, не само што лекот продолжи да се дистрибуира во ограничени количини, туку во последните дваесет дена лица со хемофилија алармираат дека воопшто не го ни добиваат овој лек, кој е од животно значење за нив.

Што значи тоа за овие лица? Тоа значи дека живеат врзани за кревет, во дваесет и први век, под секое човеково достоинство. И јас ве молам да им кажете на овие лица кои живеат врзани во кревет поради недостиг на елементарен лек дека животот е полесен во третата економска сила во Европа.

И прво што сметам дека треба да го направи новиот министер за здравство е да го разреши директорот на Институтот за трансфузиона медицина, Амир Елези, кој, впрочем, е и незаконски поставен за директор само поради тоа што е личен пријател на вашиот вицепремиер Беким Сали и заради кој лицата со хемофилија повеќе од една година живеат во голгота“.

Ние, потенцира таа, добивме повеќе министри за здравство во две години отколку што се изградени клинички центри во 35 години. Тоа, како што рече, докажува дека Министерството за здравство продолжува да се перципира само како плен за партиска поделба внатре во коалицијата.

„Денес ние тука ќе го избереме дваесеттиот министер за здравство од независноста до денес, што значи дека секој министер за здравство во просек има мандат од 21 месец. Што може да направи еден министер за здравство во еден таков комплексен и стратешки сектор во 20 месеци, каде што нужно е потребен континуитет за реализација на капитални проекти?

Затоа ние имаме болница во Кичево која се гради уште кога оваа држава беше Социјалистичка Република Македонија. Премиерот пред една година даде ветување дека во 2027 година конечно ќе биде изградена болницата во Кичево со пари од британскиот кредит. На терен нема никакви активности, па очигледно не до 2027 година, како што ветуваше премиерот, туку до крајот на мандатот болницата во Кичево нема да биде изградена и ова ќе биде 15 влада која не успеала да ја изгради кичевската болница.

Понатаму, едно од вашите ветувања како Влада беше укинување на економските директори на клиниките, кои само формално ги укинавте. Вие две години имате економски директор на Детска клиника, кој само формално сега го именувавте како советник.
Се работи за кланот Мемеди, кој раководи со Детска клиника и каде директорот Реџеп Мемеди го постави неговиот братучед Алајдин Мемеди како советник, откако му се укина позицијата економски директор. Братучедот на директорот прима поголема плата и од докторите во болницата. И, ете, замислете, тој ги терал докторите да го ословуваат со ‘директоре’.

Изгледа до советников Мемеди не е стигната информацијата дека се укинати економските директори, што е уште една фарса од вмровското владеење“.

Токму за време на владеењето на кланов Мемеди на Детска клиника, посочи Мојсоска, оваа клиника доби две глоби, односно казни, од Државниот здравствен инспекторат за нестручно постапување со прием на деца кои починаа на клиниката.

„И замислете до каде оди ароганцијата на вашите директори. Не само што не беше разрешен директорот Мемеди заради екстремно неспособно менаџирање, каде три деца починаа во еден месец, туку директорот ги нема платено ни казните и уште се води судска постапка!
Ќе повторам, Здравствениот инспекторат констатирал пропусти при смртта на три деца, но бидејќи тука уште директорува Мемеди, очигледно овие три деца се само статистичка бројка.

И она што е најзастрашувачки е фактот што во третата сила во Европа пет години не функционира ургентен центар на Детска клиника, односно единствениот ургентен центар за деца се наоѓа во приватна болница.
Го затвори претходната влада. Оваа влада нема абер да го отвори, а родителите кои нема каде да ги лекуваат своите деца се принудени да одат во ургентниот центар во Систина, каде само за добар ден ќе им наплатат 500 евра.

Не знам дали има друга држава во Европа која нема државен ургентен центар за деца и не знам каква е оваа демохристијанска влада се прокламира дека е загрижена за наталитетот, кога нема обезбедено елементарни услови за лекување на децата од најмала возраст“.

На Детската клиника,вашиот владин директор во две години бележи блескави успеси и успеа да затвори три детски одделенија: Одделението за пулмологија, Одделението за имунологија и Одделението за доенче и метаболизам.
Причината? Во две години на Детска клиника се примени само три специјалисти, а постои недостиг на 30 лекари. Ама затоа, важно, братучедот на директорот Мемеди го оставивте да биде вишок административен кадар“.

И поради неспособноста на ваквите партиски директори, како што кажа, според податоците на УНИЦЕФ, Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа.

„Две години немате набавено ниту едно амбулантно возило додека Брзата помош колабира, ама затоа пред локалните избори Јанушев распиша тендер од еден милион евра за организирање на вашите партиски митинзи со државни пари.
Тендерот, нормално, заврши во струмичка фирма, затоа што ако претходно, за време на СДС, сите патишта водеа до Струмица преку братот на премиерот, сега сите патишта водат за Струмица преку баџанакот на премиерот.

Иако тендерот за 100 нови амбулантни возила, кои ги ветувавте, е распишан пред два месеци, од старт има сомнежи дека условите се скроени за да ја ограничат конкуренцијата. Една фирма веќе ви има поднесено жалба на овој тендер, друга најавува дека ќе го стори тоа и најверојатно и овој тендер за 100 амбулантни возила ќе пропадне, како што пропадна наместениот тендер за униформи на полицијата.

Зошто велам наместен тендер? Затоа што кога пред три години Европската Унија ѝ купуваше на земјава седум амбулантни возила, на огласот се јавија дури седум фирми. Значи, за седум амбулантни возила беа пријавени седум фирми. Сега, за тендерот за 100 амбулантни возила, заинтересирана е само една фирма.
Што значи дека овој тендер за амбулантни возила од старт смрди на мито и корупција, што е и бренд на владеењето на оваа ВМРО-вска влада. Затоа што очигледно е поважна шемата на провизија и да се намести кој ќе го добие тендерот, отколку итно да се набават амбулантни возила во држава која има 6.000 службени возила, а само 263 амбулантни возила, од кои дури 73% се донација.

Или, во превод, изградивте систем каде удобноста на функционерите во нови службени возила е поприоритетна од пациентите за кои доцни Итната медицинска помош и за кои секоја секунда е разлика меѓу живот или смрт.

И за крај, најверојатно само една снимка на една девојка во немоќ беше доволна за да ја разобличи целосната нефункционалност на институциите под оваа Влада.

Девојка вчера реши да се обрати на социјалните мрежи како последен крик пред институциите кои не постапуваат за хоспитализација на нејзиниот татко со растројство.

Значи, три жени бараа спас од човек кој се заканува дека ќе ги убие и на крајот спасот морале да го бараат преку апел на социјалните мрежи.
Човекот постојано ги малтретира својата ќерка, својата жена, својот син со церебрална парализа, а вашиве партиски директори во Бардовци и во Демир Хисар не им ни креваат на телефон.

Потоа излезе информација дека немало место за сместување во овие психијатриски болници. А знаете зошто нема место? Затоа што пред само еден месец Народниот правобранител констатира дека криминалци со врски добиле пресуда за психијатриско лекување и наместо во затвор се упатуваат во болницата во Демир Хисар“.

Таков систем изградивте, додаде таа, каде криминалци, како што рече, наместо во затвор седат и малтретираат персонал во болницата во Демир Хисар, додека лица со растројство се на слобода и семејствата во очај бараат помош на социјалните мрежи.

Праша што е со оние жртви кои немаат виралност на социјалните мрежи, кои медиумите не ги пренесуваат, чиј глас не се слуша од секојдневните апели за помош на социјалните мрежи и луѓе кои немаат партиски врски за да го спасат својот живот?

„Јас владеењето на оваа ВМРО-вска влада можам да го сумирам само со овој еден факт: дека институциите во државата која е лидер по реформи, како што сака да говори премиерот секој ден, тие институции 48 часа не беа способни да хоспитализираат лице кое е опасно по животот на сопственото семејство.

И ова веќе не е пропуст на системот, туку ова е целосен колапс на системот“, додаде таа.

Текстот (Видео) Мојсоска: Добивме повеќе министри за здравство за две години отколку што се изградени клинички центри за 35 години е превземен од МАКФАКС.