
Од утре до 31 август на државните патишта во земјава се воведува летен времен режим на сообраќај, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Со новите правила се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите и во денови со екстремно високи температури. Ограничувањата имаат за цел да го олеснат сообраќајот во летниот период и да ја зголемат безбедноста на патиштата.
Според распоредот, забраната за камиони ќе важи во петок од 17:00 до 22:00 часот. Во сабота, ограничувањето е од 09:00 до 18:00 часот, а во недела од 09:00 до 22:00 часот. Во денови кога Министерството за здравство ќе прогласи екстремно високи температури, забраната ќе се применува и од понеделник до четврток, во период од 11:00 до 17:00 часот.
Од АМСМ појаснуваат дека забраната не важи за возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, како и нафта и нафтени деривати. Исклучок има и за возила кои превезуваат опасни материјали и за компании ангажирани на проекти на државните патишта.
Посебен режим се воведува и на магистралниот пат А2, на делницата Скопје – Охрид – Скопје, кој ќе важи до 1 септември. Таму се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите.
На оваа делница, ограничувањата во петок важат од 15:00 до 22:00 часот. Во сабота забраната е од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 до 24:00 часот. Во недела, камионите нема да смеат да сообраќаат од 07:00 до 22:00 часот.
Од АМСМ истакнуваат дека оваа мерка се воведува за да се намалат застојите, особено кон туристичките дестинации, и да се обезбеди побрз проток на возила во летниот период. Дополнително, се очекува намалување на гужвите на наплатните станици и поефикасно движење на туристите.
Дајана Сандева, М-Нет