
Испод 50 денари нема да биде цената на домашниот домат ова лето, тврдат земјоделците од штипско и струмичко. Велат дека се под оваа цена е веќе неисплатливо. Зголемените трошоци за производство и тешката физичка работа, според нив, не оставаат простор за поевтина цена на домат. Затоа тие велат дека не очекуваат цената значително да се намали ниту во екот на сезоната. Иако ја разбираат финансиската состојба на граѓаните, сепак децидни дека под оваа цена би работеле бадијала
,,Па види сега, најзадоволителна цена е 50, 60 денари, зависи. Доматот е скап за одгледување, a испод 50, 60 денари е неисплатливо на тај што го работи.“, велат земјоделците
Зад секој килограм домати стојат месеци работа и високи трошоци. Земјоделците велат дека најмногу ги чинат препаратите, а најтешко им е што купувачите бараат поевтини производи, без да ја знаат вистинската цена на производството.
,,Абе не е многу, ама најмногу има заштита, прскањето кошта. Тај што ти дава семе, ќе ти направе и болест да имаш.“, додаваат земјоделците
Додека земјоделците велат дека под 50 денари производството не им се исплати, останува да се види дали пазарот ќе ја прифати цената што ја најавуваат. Одговорот ќе го дадат првите количини домашен летен домат што ќе пристигнат на тезгите.
Иван Митев, М-Нет