
Извршниот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ја избра Добрила Черкезова за нова претседателка на општинскиот комитет на Унијата на жени во Штип, во рамки на кадровските промени и активностите за понатамошно организациско јакнење на партиската организација.
Одлуката беше донесена на редовна седница на Извршниот комитет, на која се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, кадровските решенија, како и за идните насоки на организацискиот и програмскиот развој на Унијата.
На седницата едногласно беше усвоена и Декларацијата за унапредување на активното учество на жените и јакнење на демократската култура во партијата и општеството. Документот беше промовиран на 14 септември, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата, а со неговото усвојување повторно се потврдува определбата за поголема вклученост на жените во политичките процеси.
Покрај Штип, нови претседателки на општинските комитети на Унијата на жени се избрани и во Кочани, Виница, Делчево, Македонска Каменица, Пехчево, Зрновци, Карбинци, Свети Николе, Пробиштип и Радовиш, со што се опфатени и голем број општини од источниот регион.
Од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ информираат дека за првпат се формираат организации на Унијата на жени и во општинските комитети во Студеничани, Центар Жупа и Шуто Оризари.
Во следниот период најавуваат продолжување на активностите за мобилизација, како и нови кадровски решенија во преостанатите општински комитети, со цел понатамошно проширување на организацијата и спроведување политики насочени кон интересите на граѓаните.
Со изборот на Добрила Черкезова, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ добива ново раководство и во Штип, како дел од поширокиот процес на кадровско обновување на општинските организации низ државата.