Собранието го усвои Законот за органодарителство, граѓаните ќе одлучуваат дали по смртта ќе бидат дарители на органи

Со 58 гласа „за“ и шест „против“, пратениците денеска ги усвоија измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со кои се воведуваат повеќе новини во системот за органодарителство и трансплантација.

Една од најзначајните измени е што секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар да се изјасни дали по смртта сака да биде дарител на органи. Изјавата ќе се евидентира во системот „Мој Термин“, а граѓаните во секое време ќе можат да ја променат или повлечат својата одлука.

Со законските измени се проширува и кругот на живи дарители до четврти степен на сродство. Според Министерството за здравство, целта е да се зголемат можностите за лекување, да се отстранат дел од административните пречки и да се зајакне довербата во системот за органодарителство.

Образложувајќи ги измените пред пратениците, министерот за здравство Азир Алиу порача дека трансплантацијата не е само медицинска постапка, туку чин на човечка солидарност што може да спаси живот. Според него, измените се чекор кон поефикасен систем кој ја почитува личната волја на граѓаните.

„Трансплантацијата не е само медицинска постапка, туку е живот, надеж и можност еден човек и по неговата смрт да продолжи да живее преку животот на некој друг. Измените кои ги предлагаме не се само правни и административни, туку се една порака дека нашиот здравствен систем се гради врз достоинството на човекот, солидарноста и почитувањето на личната волја“, рече Алиу

Министерот за здравство најави дека дигиталната евиденција ќе помогне државата да добие појасна слика за интересот за органодарителство и каде е потребна дополнителна едукација и градење доверба во системот.
Тој додаде дека, кога системот ќе почне со примена, ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.

Иван Митев, М-Нет