Зоран Шоров останува во игра за европски медал, преку репасаж ќе атакува на победничкиот подиум

Македонскиот репрезентативец и член на БК Балканец од Штип, Зоран Шоров, продолжува да сонува европски медал по одличните настапи на Европското првенство во Самоков, Бугарија.
Младиот штипјанец, Шоров најпрво славеше против претставникот на Шведска, покажувајќи сигурност и квалитет на душекот, а потоа беше поразен од борачот од Турција. Сепак, откако турскиот натпреварувач обезбеди место во финалето, македонскиот репрезентативец доби нова шанса преку репасажот.
Во следната борба, Шоров ќе се соочи со претставникот на Молдавија, во дуел кој може да го однесе чекор поблиску до медал на континенталниот шампионат.
Солиден настап на Европското првенство имаше и Марио Ананиев, кој во неизвесна и израмнета борба беше поразен од репрезентативецот на Франција со 3:2. И покрај поразот, Ананиев остави добар впечаток со својата борбеност и прикажаното издание на шампионатот.