Штип се сели во Кочани: Навивачите најавија масовна поддршка за Брегалница


Утрешниот натпревар од претпоследното коло во Втората фудбалска лига меѓу Осогово и Брегалница ќе донесе вистинска фудбалска атмосфера во Кочани, откако штипските навивачи најавија масовно гостување и силна поддршка за „сините“.
Од клубот информираа дека за сите симпатизери и љубители на Брегалница е организиран превоз за гостувањето, а организацијата е во рацете на верните навивачки групи „Фаланга“ и „Ултра Банда“.
Поаѓањето е закажано за утре во 15:00 часот пред Нова Пошта во Штип, а очекувањата се голем број навивачи да тргнат кон Кочани и да создадат вистинска домашна атмосфера за плаво-белите.
Во пресрет на важниот натпревар, од таборот на Брегалница упатија апел за достоинствено и културно навивање, со порака дека клубот треба да се бодри сплотено и спортски.
Штипјани уште еднаш покажуваат дека љубовта кон Брегалница нема граници, а Кочани утре ќе биде обоен во плаво-бело.