
Купувајќи земјени бардачиња, штипјани уште од сега ги почнаа подготовките за претстојната Задушница, следејќи ја вековната традицијата – бардачето да се наполни со вода, да се стави оревово гранче и цвеќе, и да се однесе на гробовите на најблиските. Велат дека овој обичај се практикува со години и не се прескокнува, бидејќи е дел од почитта кон покојните и споменот за нив.
Чичко Љупчо од Злетово е мајсторот што сам со своите вешти раце ги изработува земјените бардачиња.
Вели дека за оваа работа е потребен само мерак, а материјал има доволно, но засега нема наследници што би го продолжиле занаетот.
Задушница се одбележува неколку пати годишно и е ден кога се оддава почит на починатите. Семејствата ги посетуваат гробовите, палат свеќи и оставаат бардачиња со вода и цвеќе, верувајќи дека така го чуваат споменот на своите најблиски.
Иван Митев, М-Нет