
Продолжуваат активностите за реконструкција на останатите улици во штипската населба Леваци. Во месеците пред нас активно ќе се работи на улиците „Христијан Карпош“, „Рудо“, „Боро Милевски“ и „Коле Неделковски“, со што целосно ќе се заокружи инфраструктурното уредување на населбата. Проектот опфаќа комплетна реконструкција на водоводната и канализационата мрежа, изградба на нови тротоарски површини и поставување на два нови асфалтни слоја. Како што вели градоначалникот Иван Јорданов, станува збор за улици кои со децении не биле реконструирани, а со оваа инвестиција значително ќе се подобрат условите за живот на жителите. Вкупната вредност на досегашните и планираните активности во Леваци изнесува околу еден милион евра.
,,Oд денес започнуваме со активности во населба Леваци, практично продолжување на проектот, кој го започнавме минатата година. За јавноста сакам да споделам дека во населба Леваци во текот на минатата година, започна комплетна рекострукција на голем дел од улиците, останатите улици кои ќе бидат опфатени во наредните месеци се улиците Христијан Карпош, ул. Рудо, Боро Милевски и Коле Неделковски. Станува збор за проект за реконструкција комплетната на канализациона, водоводна мрежа, поставување на нови тротоарски површини и два асфатлтни слоеви на овие улици, со што комплетно цела населба Леваци ќе биде реконструирана. Од она коешто можевме да го видиме на терен, овие улици на кои што денес се работи, се стари од кога е изградена населбата, откако се изградени овие куќи. Досега во минатото не било инвестирано во реконструкција никогаш, затоа одлучивме да вложиме повеќе од половина милион евра за реконструкција на овие улици, кои се останати за оваа година, а кога би ги сублимирал и инвестициите од претходната година, сигурно дека изнесува нешто околу еден милион евра инвестиции за комплетна реконструкција на населбата Леваци.“, рече Јорданов
Градежните активности ќе се реализираат етапно, почнувајќи од улицата „Христијан Карпош“, по што ќе продолжат и на останатите улици во населбата Леваци. Градоначалникот Иван Јорданов најави интензивен градежен период во месеците што следуваат, посочувајќи дека целта е модернизација и инфраструктурен развој на целиот Штип.
,,Очекувам етапно да се работи. Денес сме влезени на улицата Христијан Карпош, со оглед на самата специфичност на конфигурацијата. По завршувањето на оваа, ќе се навлезе на остантите. Во месеците кои што следуваа ќе бидат интензивни со работа, не само во нас. Леваци, затоа што планот и стратегијата е да го обновиме Штип. Да го модернизираме и да го збогатиме со нови содржини и инфраструктура, за да бидеме буквално центар на источна Македонија.“, додава Јорданов
Градоначалникот Јорданов, потенцираше дека многу капитални инфраструктурни проекти граѓаните на општината ќе имаат можност да ги погледнат, откако ќе бидат почнати да се реализираат во текот на оваа година.
Иван Митев, М-Нет