
Најмалку 500 метри подалеку од училиштата ќе мора да бидат казината, автомат клубовите и објектите со електронски игри на среќа, предвидува новиот Предлог-закон за игрите на среќа. Владата најавува засилена борба против агресивното рекламирање и нелегалното коцкање. Се забрануваат реклами што игрите на среќа ги претставуваат како пат до брзи пари, успех и подобар живот. Паралелно, институциите веќе затвориле 358 нелегални онлајн платформи што работеле без лиценца во државата. Од Владата велат, целта е поголема заштита на младите, учениците и семејствата.
„Во обложувалниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
Ова е институционална одлука да ги заштитиме децата од секојдневна изложеност на коцкање и зависности.
Паралелно, институциите веќе преземаат конкретни мерки против нелегалното онлајн коцкање. Досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои незаконски приредувале игри на среќа на територијата на државата. Станува збор за платформи кои функционирале без лиценца, без контрола и без никаква заштита за граѓаните.“, кажа Азизи
Од Владата порачуваат дека новиот закон има за цел да воспостави поодговорен и контролиран систем со јасни правила и поголема правна сигурност за сите граѓани. Се нагласува дека фокусот останува на заштитата на младите и семејствата од негативните последици на коцкањето. Властите велат дека ова не е само регулаторна промена, туку поширока општествена борба за подобра иднина. Според нив, станува збор за прашање на сигурност, достоинство и здраво општество.
Иван Митев, М-Нет