
Заврши сезоната во Втората футсал лига на Македонија со што се познати екипи кои изборија влез во елитата за следната натпреварувачка сезона.
Како што веќе претходно објави М Нет телевизија, Железарец стана шампион и обезбеди влез во елитата односно екс шампионот на Македонија направи експресен кам-бек во елитата и во следната сезона одново ќе игра во Првата футсал лига.
Неизвесноста беше за второто место, а трката ја доби тетовски СЕЕ Университи со што тимот по осум години се враќа во Првата футсал лига.
На третото место заврши Каршиака, тим кој конкурираше за второто место, но во таа трка заостана со два бода помалку зад сега веќе новиот прволигаш СЕЕ Университи.
Ланскиот прволигаш Црна Река не успеа да направи експресно враќање во елитата со што и во следната сезона ќе биде дел од второлигашкото друштво, а тимот сезоната ја заврши на четвртото место.
Фудбал Старс од Кочани, кој беше дебитантот во Втората лига, сезоната ја заврши на 5. место со учинок од десет победи и десет порази, за вкупно освоени 30 бодови.
На второлигашката табела следуваат екипите на Кратово, која е шест со 28 бодови, Овче Поле заврши на седмото место со 17 бодови, Конзули од Битола е осми со 13 бодови, откако му беа одземени девет бодови, а девет бодови му беа одземени и на тимот на ССК кој заврши на деветтото место со 12 бодови, Партизан Југ од Брвеница е претпоследен со десет бодови и одземени девет бода. На дното без бодови заврши Карадаку, единствен тим кој немаше позитивен резултат со 20 порази од толку натпревари.
Александар Ванев, М-Нет