
Во Штип, Гоше Јанев со години живее со својата тивка, но силна страст, одгледувањето гулаби. За него тие не се само птици, туку живот исполнет со мерак, грижа и секојдневна борба, каде секој млад гулаб има своја цена и своја приказна. Иако вели дека „старите не ги сакаат“, Јанев сепак упорно продолжува, и покрај тешкотиите, недостигот од простор и заморот што доаѓа со времето. Годините минуваат, а со нив и дел од неговите пердувести другари, некои стареат и паѓаат, оставајќи зад себе тивка тага и празнина. Сепак, за него сè уште постои смисла во секој нов ден и секој нов лет што ќе се крене над штипското небо.
„Продавам млдаите, старите не ги сакаат, јас до сега продадов 20/30 млади, некој по 500, некој по 600, 750 сега почнав, младите. По селата ги земаат бидејќи таму ги летаат, овде ние во градот не ги летаме. Ех мерак, кеиф, дома да имаш канаринец или папагал, што корист имаш? Не, јас сум градски човек, не ме. Од тука, од комшија. Па сега некој пат доваѓаат, тражат, некогаш се пазариме, некогаш не се пазариме и така. Храната е 16 денари, жито, еве. Храната не е скапа, но многу гулаби и не се исплаќа, знаеш, немаат внатре место каде да стојат. Не е тешко, ако се 30/40 не е тешко, но штом се многу, младите не чуваат многу, Може да има едно 30/40 души, тие старите се починати, ова е потрошен материјал, само го ранеш и што?“- рече Гоше Јанев
Како што истакна Јанев, со годините, старите гулаби ги губат силите и веќе не можат да летаат како порано, па често остануваат со „обесени крилја“ и тешко се движат. И покрај тоа, човекот што ги чува останува поврзан со нив, гледајќи ги како дел од својот живот и спомените што не избледуваат, иако времето си го прави своето.
„Најстариот голуб е до девет години. Тие живеат, но ги обесат крилата и не можат повеќе да одат, греота е да одат, се препнуваат, паѓаат.“
Со околу 55 години одгледување голуби и дури 70 од истите на број, неговата приказна останува врзана за тивката страст што трае и покрај годините и заморот.
Дајана Сандева / М нет