
На пазарот во Штип, земјоделците ја започнаа продажбата на сезонски расади, нудејќи разновидни култури како пипер, зелка, краставици и модар патлиџан, одгледувани со месеци труд и посветеност. Тие велат дека производството започнува уште во зима, во контролирани услови, за да се обезбеди квалитетен расад подготвен за пролетната сезона. И покрај зголемените трошоци, цените остануваат речиси непроменети со години, што според нив не ја одразува реалната вредност на вложениот труд. Дел од производителите нагласуваат дека со правилна грижа, едно коренче може да даде значителен принос, но бара редовно одржување и заштита.
„Се одгледува со многу труд и сега го донесовме да се продава за граѓаните да си посадт, да си имаат занимација со него и така. Имаме пипер, зелка, краставици, морков, модар патлиџан и тоа е. Ние го садиме после варвара и го гледаме горе долу цело зимо, тоа е занимација кај нас голема и многу сме благодарни за граѓаните што и продаваме добар расад и тие исто така. Доколку добро го работиш, на едно стебло коренче пипер може да ти даде кило, кило ипол, до две, доколку не го дгледуваш, помалце. Треба да го вадиш, дс го прскаш по малце и тала, најбитно е да се надодни. По 10 денари, таа е стара цена, не се менува веќе 15 години. Краставичките малку по скапи, по 20.“- вели Дарко Спасов
Земјоделците се децидни дека и покрај тоа што едно коренче може да даде и до неколку килограми плод, тие се соочуваат со слаба исплатливост и незадоволство кај купувачите поради цените. Дел од нив се потпираат и на традиционални методи, користејќи сопствено семе и природни средства за заштита, но велат дека работата останува тешка и неизвесна.
„Се покрива, се ваде, имаш црвен патлиџан, розев, друг црвен, и сиврија. Еми под пластеница, семка, коренче, после на нива го садиш. Од јануари, во леа, на струја, со парно се садат, после пак се расадуваат и така натаму. Ги наплаќаме по 10 денари, но, на народот му е скапо, сакаат евтино. Доколкуу го одгледуваш убаво, од едно коренче може до 3-4 кг да даде.“- вели Тони Стојанов од ц. Пиперево
„Го садиме во февруар, март, под фолија и сега април, мај, се пресадува на отворено, го садиме на мушама за да не копаме, убав расад е, секоја година си доваѓаме овде и си продавеме. Јабукар, голем, црвен, розев, големи пиперки, убави. Семе не купувам, од наше семе си собирам, ајвар си правам од тој пипер кој го садам, што го извадеме семето. Јас го прскам со коприва да ти кажам, си набрав некни воо една кофа. Тешко е. Не се многу исплаќа, ама што да правиме.“- Билјана Анакиева, Караорман
Земјоделците додаваат дека интерес има, но купувачите се почесто се одлучуваат за поевтини опции или купуваат во помали количини. Сепак, земјоделците остануваат посветени на традицијата и квалитетот, надевајќи се на подобра сезона и поголема исплатливост.
Дајана Сандева / М Нет