
Дефинитивно одбојката станува спорт број еден во градот под Исарот, барем кога ги гледаме резултатите на Штип УГД, кој годинава за првпат ги обедини двете круни.
Штипјани веќе три години по ред ја освојуваат Куп титулата, а годинава за првпат ја освоија и шампионската титула. Штип УГД беше првиот клуб во градот кој освои Куп титула во колективните спортови, првиот клуб кој направи „хет-трик“ со освојување на три Куп титули во низа, првиот тим кој донел шампионската титула од највисок ранг на натпреварување односно од Прва лига, но и прв тим кој излегол во Европа и забележа европска победа.
Ваквата доминација на тимот на Кристиан Ристески започна уште пред три години кога Штип УГД ја освои првата Куп титулата, а од тогаш беше најавено дека Штип УГД ќе започне да доминира во македонската одбојка, а ќе биде ставен крај на ерата на Струмица. Тоа и се случи оваа сезона.
Интересот за одбојката во Штип бележи голем раст, освен во машкиот клуб и женскиот клуб Младост УГД бележи големи резултати и годинава е при самиот врв во македонската одбојка.
Но, тоа што го прави Штип УГД е за секоја почит, а овие генерации од клубот ќе бидат дел од златната историја на Штип УГД.
Александар Ванев, М-Нет