Покривот на некогашниот кафич ,,Нула” во Штип, сериозна закана за минувачите, во секој момент градбата може да се урне

Пропаднат покрив, греди кои се држат на конец, стреи само што не паднале, разнишани ѕидови, ваква е сликата на поранешниот кафич „Нула“, на улицата Страшо Пинџур во Штип. Револтирани и загрижени граѓани реагираат за проблемот, тврдејќи дека објектот претставува сериозна опасност и дека во секој момент може да се урне дел врз минувачи или возила. Комшии и минувачи, кои не сакаа јавно да говорат, велат дека сопствениците со години не стапнале на местото, поради недоразбирања околу делбата, по што објектот бил целосно оставен на забот на времето. Сега, наместо некогашно собиралиште, стои како закана што секојдневно ги плаши жителите од околината

Согласно ситуацијата, М-Нет телевизија се обрати до Општина Штип, од каде надлежните велат дека, веќе преземаат конкретни чекори. Службите излегуваат на терен за да ја утврдат фактичката состојба и степенот на опасност што го претставува објектот. Велат дека по извршениот увид, се испраќа официјален допис до сопствениците со рок за постапување. Доколку тие не преземат мерки за санација или обезбедување, општината има законска можност да интервенира понатаму. Целта, велат, е навремено да се спречи евентуална несреќа и да се заштитат граѓаните.

Иван Митев, М-Нет