За промена на адреса на сообраќајна дозвола, штипјанец бил пратен на технички преглед и платил 1350 денари, наместо 250 денари

Отишол да ја промени адресата во сообраќајната дозвола во СВР Штип, но наместо надлежните во одделот за регистрација на возила да му ја променат, го испратиле во станица за технички преглед, каде платил 1350 денари, со цел да му потврдат дека има нова адреса на тн. Зелен лист. Штипјанец, кој побара анонимност, во редакцијата на М-Нет телевизија за жали за неправдата која му се случила во изминатиот период. Тој вели дека по два часа чекање ред пред врата, од одделот за регистрација му рекле да отиде во станицата за технички преглед, за да го извади документот, без кој не може да се изврши промена во сообраќајната дозвола. Заминал во еден технички преглед во Штип, му го дале документот и без проблем завршил работа во полиција, но целата процедура го чинела 1.350 денари. Тој прашува дали ова е законски и дали е потребен ваков трошок, со оглед на тоа што, според него, најголем доказ за адреса е важечката лична карта.

Од Министерството за внатрешни работи за М-Нет телевизија велат дека адресата на живеење не се потврдува преку станица за технички преглед.

„Почитувани,

Во однос на Вашето прашање, Ве информираме дека адресата на живеење не се потврдува преку станица за технички преглед.

Доколку граѓанинот има промена на адреса и му е издадена лична карта со новата адреса, потребно е да поднесе барање за промена на податоците во сообраќајната дозвола.

Барањето може да се поднесе во Управните служби (во Вашиот случај во Штип) или во станица за технички преглед каде што има референт на МВР.

За постапката се плаќа:

административна такса во износ од 50 денари

надомест за издавање нова сообраќајна дозвола во износ од 200 денари.“, одговараат од МВР за М-Нет телевизија на поставеното прашање во врска со случајот.

Од МВР појаснуваат дека постапката за промена на адреса е јасно утврдена и вклучува поднесување барање со важечка лична карта и чини вкупно 250 денари. Според нивниот одговор, не е предвидена дополнителна потврда на адреса преку технички преглед.

Иван Митев, М-Нет