Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните бројот 112 да се користи одговорно и исклучиво во ситуации кога е потребна итна и неодложна интервенција.
Во изминатиот период биле регистрирани голем број повици кон 112 кои немаат итен карактер – повици поврзани со секојдневни проблеми, меѓучовечки недоразбирања, барање информации, административни прашања и други ситуации во кои не постои непосредна опасност и не е потребна итна реакција на надлежните служби.
„Важно е да се знае дека секој неитен повик го зафаќа времето на операторот и капацитетот на линиите. Во истиот момент, на помош може да чека лице чиј живот или здравје е загрозен, жртва на насилство, учесник во тешка сообраќајна несреќа или граѓанин соочен со друга реална опасност“, велат од ЦУК.
КОГА ТРЕБА ДА СЕ ЈАВИТЕ НА 112?
На 112 јавете се кога постои непосредна опасност по животот, здравјето, безбедноста, имотот или животната средина и кога е потребна итна интервенција на Полицијата, Итната медицинска помош, противпожарните или другите надлежни служби.
Доколку ситуацијата не бара итна реакција, обратете се до институцијата или службата надлежна за конкретниот проблем преку нејзините редовни контакт-канали.
„Апелираме и до институциите, јавните претпријатија, компаниите и единиците на локалната самоуправа да не го посочуваат 112 како општ контакт-број за прибирање информации, административни пријави, евидентирање материјална штета и други потреби кои немаат итен карактер“, велат од ЦУК.
Истакнуваат дека 112 не е информативен број, 112 не е број за секојдневни проблеми, туку 112 е број за итни случаи.
„Чувајте ја линијата слободна за оние на кои секоја секунда им е важна!“, апелираат од ЦУК.
Текстот ЦУК со апел: Користете го 112 само за итни случаи, луѓе се јавувале за секојдневни проблеми е превземен од МАКФАКС.