
На 21 април во 20:00 часот. Во Домот на културата ќе се одржи Велигденски донаторски концерт во организација на Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“. Концертот ќе понуди преработки на традиционални македонски народни песни во изведба на народен и симфониски оркестар и хор, со учество на ученици и професори. Како што истакна Директорот на средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“, Илија Ќосевски, настанот има хуманитарен карактер, при што средствата од билетите со минимална цена од 300 денари ќе се наменат за реставрација на простории и набавка на нови инструменти.
„На 21 април во 20:00 часот, ќе се одржи велигденски донаторски концерт од страна на државниот музички училишен центар. Ќе се изведуваат традиционални македонски народни песни, односно преработки на традиционални македонски народни песни во изведба на народниот оркестар и симфонијскиот оркестар и хорот при државниот музички училишен оркестар „Сергеј Михајлов“. Нашите ученици, ќе земат учество ученици и наши колеги, професори. Така да ги поканувам штипската јавност да дојде и да биде дел од овој спектакуларен концерт каде традицијата ќе ја доближиме се повеќе до слушателите. Овоој концерт се одржува по трет пат, од ваков вид. Во 2019 за прв пат е одржан, исто така во 2023 година, и еве сега во 2026 година. Карти ќе има минимална цена од 300 денари, сите средства ќе бидат наменети за реставрација на некои од просториите во нашиот училишен центар, за набавка на нови инструменти и за најмалите, ќе ги потенцирам бидејќи таму е иднината, затоа и го правиме од ваков карактер „Велигденски Донаторски Концерт“. Ќе донираме сите, буквално. Еден концерт ќе се одржи во Домот на културата, има таму 600 седишта. Ќе имаме чест да изведиме дело на Драган Даутовски, кој е исто така дел од подготовките и ќе биде како гостин во салата.“- Илија Ќосевски
Како што истакна Ќосевски, по долгогодишни преговори, е потпишан меморандум за соработка меѓу државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ и националната установа Дом на култура „Ацо Шопов“. Со овој договор, на учениците им се овозможува да одржуваат концерти и да ги користат просториите на Домот на културата. Додава тој дека соработката има за цел да го унапреди културниот и образовниот развој на младите.
„Денес после долги, долги години преговарање е потпошан меморандум за соработка меѓу државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ и националната установа Дом на култура „Ацо Шопов“, каде што ќе можат веќе нашите ученици да концертираат, да ги користат просториите во самиот Дом на култура.“- Илија Ќосевски
Овој концерт е можност публиката да ужива во редок спој на различни музички изрази на една сцена, но и активно да придонесе за подобри услови за работа на младите музичари. Очекувањата се дека интересот ќе биде голем, а атмосферата исполнета со енергија, емоција и почит кон македонското музичко наследство.
Дајана Сандева, М-Нет