
Кошаркарите на МЗТ Скопје повторно се искачија на врвот на македонската кошарка, откако убедливо го совладаа Куманово со 96-70 во финалето и го освоија 14-тиот трофеј во Купот на Македонија, четврти по ред за аеродромци.
Финалниот натпревар се одигра во Куманово, каде домашниот тим имаше силна поддршка од трибините, кои беа исполнети до последно место. Сепак, и покрај одличната атмосфера и поддршката од публиката, МЗТ Скопје успеа да го контролира текот на мечот и сигурно да стигне до победата.
Најефикасен во победничкиот состав беше Мек Смит со 23 поени, додека Чарлс Гил додаде 13. Одличен придонес имаше и Душан Танасковиќ со „дабл-дабл“ ефект од 12 поени и 10 скока, а капитенот Андреј Магдевски одигра комплетен натпревар со 12 поени, девет скока, шест асистенции и шест украдени топки.
Со новиот трофеј, МЗТ Скопје ја продолжува доминацијата во Куп натпреварувањето и уште еднаш потврди дека е еден од најсилните тимови на домашната сцена, додека финалето во Куманово донесе вистинска кошаркарска атмосфера и празник за љубителите на спортот.