Пелистер се засили со млад репрезентативец на Србија – Михајло Петровиќ пристигна од ОФК Београд

ФК Пелистер го официјализираше ангажманот на 20-годишниот офанзивен играч за врска Михајло Петровиќ, кој во битолскиот клуб пристигнува на шестмесечна позајмица од српскиот тим ОФК Београд.

Петровиќ важи за фудбалер со богато младинско искуство. Тој е производ на школата на Сарајево, по што рано преминува во младинските категории на Партизан. На 16 години се сели во Телеоптик, а по една сезона повторно се враќа во Партизан, каде во сезоната 2024/25 беше дел од првиот тим. Подоцна кариерата ја продолжува во ОФК Београд, за кој запиша и настап во Куп натпреварувањето.

Новиот фудбалер на Пелистер има и репрезентативно искуство, настапувајќи за сите младински селекции на Србија до 19 години, што дополнително говори за неговиот потенцијал и квалитет.

Петровиќ игра на позицијата офанзивен играч за врска, односно зад напаѓачите, каде се очекува да донесе креативност и свежина во играта на битолскиот тим во продолжението од сезоната.