
Со запалени свеќи, молитва, вкусна манастирска манџа, песна и оро, денеска во штипската населба 8-ми Ноември свечено беше одбележан празникот посветен на Светата маченичка Софија и нејзините чеда – Вера, Надеж и Љубов. На празничното одбележување присуствуваа верници од различни краеви на Македонија, а особено многубројни беа гостите од Кочани, кои дојдоа да го одбележат празникот и заеднички да си посакаат вера, надеж, љубов, здравје и бериќет.
Светите маченички Вера, Надеж и Љубов живееле и пострадале во Рим, во времето на царот Адријан. Нивната мајка Софија, мудра и побожна христијанка, ги воспитувала во верата Христова. Кога биле изведени пред царот, Вера имала 12, Надеж 10, а Љубов 9 години. И покрај суровите маки, трите сестри останале цврсти во својата вера и одбиле да се откажат од Христа. Една по една биле мачени и погубени. Софија ги погребала своите ќерки и три дена и три ноќи се молела на нивниот гроб. Потоа и самата починала, верувајќи дека ќе се соедини со своите чеда во вечниот живот. Нивната приказна низ вековите останала како силно сведоштво за верата, надежта и љубовта, но и за бескрајната мајчинска љубов и пожртвуваност.
Ева Тушевска, М-Нет