
Екипата на Мал Ајакс го запиша четвртиот пораз во низа и останува и натаму без бодови во Првата футсал лига, откако загуби од големиот фаворит Проект на домашен терен во Штип со резултат од 3:13 или десет гола разлика.
Мал Ајакс кој е повратник во елитата и натаму ќе чека на прв позитивен резултат и на први бодови во Првата футсал лига, додека пак Проект е максимален.
Шампионот Форца го одигра вториот натпревар откако два има заостанати кои беа одложени поради настапите во Лигата на шампионите, а тимот од Куманово го декласираше Осогово од Крива Паланка со 14:5. Ова беше реприза на Куп финалето од минатата сезона, но овој пат со далеку поголема разлика во квалитет што покажува и самиот резултат, а тимот од Крива Паланка заедно со штипскиот тим е на дното без бодови што е лош старт на новата сезона.
Дебитантот Балкан го загуби натпреварот со Клими, откако беше поразен на домашен терен со 5:8, додека пак во возбудлив меч Јувенту Серава го доби скопско дерби со Шкупи со 5:3.
Кеги Моби на домашен терен се намачи за трите бодови во дуелот со Бутел кој го доби со резултат од 3:2.
Александар Внаев, М-Нет