Македонија вечерва го игра важниот меч со Велс во Кардиф!

ФОТО: ФФМ

Вечерва е важниот момент за македонската фудбалска репрезентација – соочувањето со Велс во Кардиф, во последниот квалификациски меч за СП 2026, битка за кој да биде втор, а во која битка копјата ќе ги вкрстат Македонија и Велс во директна пресметка.

Селекторот Благоја Милевски вели дека нашата репрезентација е подготовена за вечерва.

„Подготвени сме за ова што следува. Нѐ очекува натпревар што решава многу, но мојата порака до играчите е да го одиграат со уживање. Велс е силна репрезентација со одличен селектор, но двете екипи се практично исти како на првиот меч во Скопје. Имам доверба дека ќе дадеме вистински одговор и дека ќе ги реализираме нашите цели“, вели селекторот Милевски.

Капитенот Енис Барди, вели дека ќе биде тежок дуелот, но додава дека се подготвени за вечерашното соочување.

„Секогаш нагласувам дека треба да уживаме во секој момент, најпрво затоа што имаме чест да ја претставуваме нашата земја, а потоа и затоа што знаеме дека сите луѓе дома се со нас. На трибините можеби ќе имаме малку навивачи, но во душата знаеме дека цела Македонија ќе ни дава сила. Не очекува тежок дуел, но сме подготвени да дадеме вистински одговор“, истакна капитенот Барди.

Натпреварот започнува во 20:45 часот.

Александар Ванев, М-Нет