Тим од четири средншколци од „Коле Нехтенин“ Штип во топ 50 од натпреварот средношколец – милионер

Тим од четири млади средношколци од државното средно училиште „Коле Нехтенин“ – Штип заеднички развиваат идеја за зачувување на зелена животна средина. Младите Елена, Мартин, Евгенија и Иван работат на проект како со дронови да се засадат дрва на места каде не може тоа да го направи човекот. На ваков начин со помош на технологијата се борат да направат инвестиција за подобро место на живеење.

„Сите гледаме изгорени шуми, уништени шуми, загаден воздух и си размислувавме што ако технологијата навистина може да ни помогне. Затоа го создадовме „Скај дроп“ затоа што сите гледаат проблем, но никој не наоѓа решение“ – вели Јанева.

Тимот средношколци е во топ 50, но потребно е гласање кое е едноставно за да влезат во топ 20, топ, 10, 3 или пак за да го освојат милионот. Рокот за гласање е до 16 ноември.

„Ве замолуваме да отидете на милионер.мк да пребарате „Скај дроп“ и само со еден лесен клик вие на нас ни помагате ние да направиме зеленило во Македонија и да помогнеме Македонија да е поубаво место за живеење.“ – вели Крствоска Илиовска.

Натпреварот средношколец – милионер има за цел да ја поттикне креативноста, иновативноста и претприемачкиот дух кај младите, како и да покаже дека добрата идеја може да започне во училишна клупа, а да заврши како успешна приказна.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет