
Ефикасни натпревари донесе 8 коло во Третата фудбалска лига Исток. На две средби убедливо, на две драматично и неизвесно. Одложен беше натпреварот помеѓу Брегалница Делчево и Тиверија.
Во Пирава, Ударник беше пред пораз од Хоризонт Турново, до 83 минута губеше со 0:2, но со головите на Попов во 83 и Тенекеџиев во 90 минута, сепак освоија бод. Головите за Хоризонт Турново ги постигнаа Стојанов во 15 и Јовов во 46 минута.
Во Зрновци, Светлост мораше да спасува бод. Домашните дојдоа, до рано водство преку Трајанов во 7 минута, а во финишот на првото полувреме Дојранско Езеро израмни на 1:1 преку Иванов во 37 минута. На почетокот на второто полувреме, во 50 минута, Минлив донесе водство за гостите, 1:2. Упорноста на домашните се исплати во 86 минута, кога Тренчев постигна гол за конечни 2:2.
Во Свети Николе Овче Поле со квалитетна игра славеше над Рудар со 3:0. Промашуваа шанси домашните во првото полувреме, се редеа пречки, шутеви покрај самата статива, но во последната минута од првото полувреме стигна наградата за доброто издание, Тоше Манов го постигна првиот од трите гола денеска и од својот хет трик. И во второто полувреме доминација на Овче Поле, и уште два гола на Манов во 47 и 82 минута за конечни 3:0.
Во Валандово голеада на Победа, 8:1 против Малеш. Ако се знае дека гостите на натпреварот имале само 11 играчи во записник, резултатот едноставно не може да изненади. На полувреме Победа имаше водство од 4:0, Шата 16, Миленковиќ 26 И 37. Во вториот дел, Коколански во 55 за 5:0, Шата во 58 за 6:0, Ерол Пилов во 61 погодува за почесен гол за Малеш, а во 81 Михајловски и во 88 Коколански ги поставија конечните 8:1. Слободна беше екипата на Карбинци.
На табелата првото место е Ударник со 16 бодови, Победа Валандово е втора со 15 бодови, но со два натпревари помалку, трет е Овче Поле со 13, четвртото И петтото место го делат Хоризонт Турново и ОФК Карбинци со по 12, на шестото е Брегалница Делчево со 11.
Седми е Рудар со 8 бодови, следуваат на осмото, деветото и десетото место Тиверија и Дојранско Езеро и Малеш со по 4, а последна со 3 бода е екипата на Светлост со 3 бода.
Наредното деветто коло треба да се игра идниот викенд, доколку нема промени поради вториот круг од Локалните избори.