
Добра игра на Силекс и уште една победа во првенството. Совладан е тимот на Пелистер, на тешкиот и влажен терен во Кратово, со што кратовци останаа во игра за горниот дел на табелата. Ова беше деби на Милан Стојаноски на клупата на Пелистер во прволигашкото друштво, и ја започна со пораз. Претходно Пелистер беше елиминиран и од Купот на Македонија.
Силекс целосно го надигра својот противник во првиот дел, а после неколкуте полушанси, се случи водството во 19. минута од средбата. Од левата страна се проби Додев кој ја упати топката во петерецот, а таа се одби од еден од играчите на Пелистер, и од стативата заврши во голот.
Силекс можеше и до 2-0, но ударот на Мирчевски најпрво отиде милиметри крај голот, а обидот на Додев го одбрани Јовчевски.
Пелистер, конечно, се ослободи од притисокот во последните 6-7 минути кога преку Спировски го упати единствениот обид кон голот на Џеков, кој не беше заканувачки за домашниот тим.
Силекс во 53. минута можеше да дојде до 2-0 кога Додев ја погоди стативата. Она што не му успеа на Додев во таа ситуација, му успеа шест минути подоцна кога по една нафрлена топка со волеј го совлада Јовчевски за 2-0 за Силекс.
Следуваше намалување од страна на Пелистер. Обидот на Крстевски беше изблокиран, па топката стигна до Спировски, кој во 62. минута од само десетина метри со лева нога го совлада Џеков.
Пиреш можеше да го реши победникот со одличен удар од 25 метри, кој го одбрани Јовчевски.
За да бидат отстранети сите дилеми се погрижи Говедарица пред финишот на мечот, поточно во 87. минута. Убаво се ослободи од Грозданоски, упати прецизен удар во голот на Пелистер за да ги постави конечните 3-1.
Извор: ФФМ