
Утре е Крстовден, ден за пост, молитва и духовно смирение. Со утринска празнична богослужба, црквите и манастирите достојно и годинава ќе го одбележат празникот, кој е еден од 12 те најголеми во годината и спаѓа во есенскиот циклус на празници. Крстот, како најмоќен симбол на христијанството, потсетува на страдањето на Христос, но и на победата над смртта. Поради неговата чудотворна моќ, го нарекуваат и животворен.
На Крстовден, храмовите се украсуваат со босилек и цвеќе. Се положува крстот на сред храм, а верниците се собираат на молитва и се поклонуваат со благодарност и надеж. Празникот се одбележува со строг пост и духовно смирување. Според црковното предание, на овој ден во Ерусалим бил пронајден вистинскиот крст на кој бил распнат Христос, а подоцна, откако бил однесен во Персија, бил вратен назад во светиот град.
Граѓаните во Штип вообичаено на овој ден подготвуваат посни погачи и колачи и по традиција носат китка босилек во црквата. Крстовден е и именден за сите што го носат името Крсте, Крсто,Кристина, Крстана, Кристијан, Кристијана и други изведени форми.
Иван Митев, М-Нет