Астибо од Штип во женската ракометна елита, како ќе изгледа Суперлигата, а како Првата женска ракометна лига?

Штип и следната сезона ќе гледа суперлигашки ракомет во женска конкуренција, бидејќи екипата на Астибо и во новата сезона ќе се натпреварува во Суперлигата.

Штипскиот клуб минатата сезона испиша историја пласирајќи се во плеј-офот на Суперлигата каде се натпреваруваше со најквалитетните екипи од Македонија.

Ракометната федерација на Македонија како што веќе информиравме одлучи да формира и Прва женска ракометна лига, но екипата на Астибо бидејќи минатата сезона беше дел од плеј-офот во новата сезона ќе се натпреварува во Суперлигата, а за што клубот предводен од Дејан Величков се подготвува со промоција на нови ракометарки за подигање на квалитетот на повисоко ниво.

Во ракометната елита на Македонија во женска конкуренција покрај екипата на Астибо ќе се натпреваруваат и шампионот Ѓорче Петров, Металург Автокоманда, Чаир, Куманово, Вардар, Спартак и Пелистер.

Ова значи дека штипскиот суперлигаш одново ќе оди на мегдат со најдобрите екипи, а во Штип ќе гостуваат квалитетни екипи со што штипјани ќе уживаат во врвен ракомет и во сезона 2025/2026.

Во Првата женска ракометна лига ќе настапат екипите на Деспина, Овче Поле СУ од Свети Николе, Ѓорче Петров 2, Стружанка, Јехона и новоформираниот клуб Атлетик.

Екипата на Астибо ја задржа искусната Марија Анчева која веќе неколку сезони е најдобар стрелец во Суперлигата, а клубот исто така ја продолжи соработката и со Елена Димова.

Астибо за новата сезона се засили на бековската позиција со Клементина Ѓурческа, потоа со бекот Мила Филипова, со пивотот Марија Бојковска, како и со крилото Ангела Петровска.

Астибо го реши и голманското прашање за следната сезона со ангажман на искусната Кристина Младеновска Кузманоска, а покрај неа Астибо меѓу стативите се засили со младата и талентирана голманка Хани Чобанова, а меѓу стативите останува да блеска и надежната Ана Насева.

Александар Ванев, М-Нет