Слога Виница сезоната ја отвара против Скопје, Детонит Плачковица оди кај новиот второлигаш Големо Коњари

На 23 август ќе започне новата сезона во Втората македонска фудбалска лига, а веќе е познат и распоредот за истата.

Повратникот во Втората македонска фудбалска лига, Слога од Виница сезоната ја отвара против Скопје со гостување во Автокоманда.

Екипата на Слога Виница минатата сезона заврши на првото место во Трета лига – Исток, а во баражот го совлада тимот на Преспа и се врати во второлигашкото друштво.

Тимот предводен од штипскиот тренер Емил Грнев сезоната ја отвара со незгодно гостување на тешкиот терен во Автокоманда.

Детонит Плачковица сезоната ја отвара со гостување кај новиот второлигаш Големо Коњари. Радовишани со речиси комплетен освежен нов лик и неколку квалитетни засилувања ќе стартуваат во новата сезона.

Тимот од Радовиш го води штипскиот стратег Горан Здравков, а како и што претходно објавивме штипските тренери доминираат во Втора лига.

Покрај Грнев и Здравков, во новата сезона на Втората лига штипски тренери кои ќе водат второлигаши се Влатко Костов како тренер на Брегалница и Иван Варадиновски како тренер на Кожуф.

Александар Ванев, М-Нет