Дури 2168 слободни места за редовни студенти нуди УГД Штип за првиот циклус на студирање

Дури 2168 слободни места за редовни студенти нуди Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за првиот циклус на студирање. Проректорот на Универзитетот , Мишко Џидров, ги повика матурантите да се запишат во првиот уписен рок, кој ќе се одржи од 20 до 22 август, истакнувајќи дека има бројни можности за кофинансирање и ослободување од плаќање партиципации за голем дел од студентите. Вториот уписен рок е закажан за 4 и 5 септември, додека третиот ќе се одржи на 17 и 18 септември. Сите детали за уписите и можностите за кофинансирање се објавени во конкурсот на Универзитетот.

,,За прв циклус на студирање имаме на располагање 2168 места за редовни студенти, секако имаме број и за вонредни студенти, но и за студенти кои што ќе бидат во квотата со кофинансирање. Нашите 12 факултети и 3 уметнички академии имаат околу 80 активни студиски програми на кои што верувам дека студентите ќе можат да се препознаат . Ги повикувам нашите идни студенти да ги погледнат трите рока за запишување. Првиот е на 20,21 и 22 август, вториот на 4 и 5 септември, додека третиот уписен рок 17 и 18 септември. Ги повикувам сите матуранти, бидејќи во првиот уписен рок ќе има многу пвоолности за нив. Како минатата година и оваа година имаме ослободување од плаќање партиципација на поголем дел студенти. Сите детални инфорамции се објасенти на во нашиот конкурс и може да ги погледнат и да се решат за да аплицираат, а јас би препорачал во прв уписен рок.“, рече Џидров

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип продолжува со значајни напори за модернизација на своите студиски програми. Ректорот, Дејан Мираковски, во своето обраќање денес потенцираше дека новите промени ќе донесат европски квалитет во образованието што ќе го добијат студентите.

,,Официјално го објавуваме конкурсот за новата учебна година. Универзитетот направи напори да ги модернизира програмите. Голем дел од прогамите поминаа низ нови реакредитации или нови акредитации, но посебно напорот да се споиме во универзитетските алијанси отвори една целосна нова перспектива за сегашните, но и за идните студенти. Сигурен сум дека ќе имаат можност тука да добијат европско образование, односно образование со европски квалитет. Oд оваа година универзитетот нуди едно повисоко квалитативно ниво образование, кое што ќе им биде од корист.“, рече Мираковски

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип продолжува да инвестира во иднината на своите студенти, нудејќи им не само квалитетно образование, туку и можност за меѓународна мобилност и напредок во европски рамки. Првиот уписен рок е можност што студентите не би требало да ја пропуштат, со оглед на новите академски можности што ги нуди овој универзитет.

Иван Митев, М-Нет