
Од „Марш за ангелите“ на забава по повод одбележување на празникот Петровден – ваквата е програмата за во сабота кога Кочани го одбележува својот партон празник. По неполни четири месеци од големата трагедија во дискотеката Пулс во Кочани во која загинаа 62 лица, општината органзира тридневно одбележување на Петровден, со музичко забавна програма во градскиот парк. Ваквата одлука предизивика лавина реакции кај граѓаните на социјалните мрежи. Револтирани граѓани пишуваат дека не е во ред да се организираат музички настапи, кога градот е завиен во тага и болка.
По ова се огласи и в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски. Во писменото соопштение до јавноста вели дека по разговори со психолози, експерти за трауми и социјални работници, па и со луѓе од Шведска што поминале низ слична тага, нивните препораки се: дружбата, но и музиката за заздравување.
„Не зборуваме тука за големи забави, туку за моменти кога можеме заедно да слушаме музика, да се видиме со семејството и со пријателите што ретко ги среќаваме, да си дадеме сила еден на друг.
Младите се нашето утре. Им треба простор да зборуваат и да не се чувствуваат сами, но и немаме опција да дозволиме нивна дружба по другите градови и небезбедно враќање од таму.
Ова не значи дека го забораваме минатото – туку дека ја прифаќаме болката и пробуваме да се бориме со неа заедно!
Нашите мали бизниси во Кочани едвај врзуваат крај со крај. Нашите порти треба да ги отвориме за соседните градови и сите оние кои беа навикнати да пазаруваат овде и да ги поддржат нашите ресторани, мали и средни претпријатија. Секој настан, секоја средба е шанса да им помогнеме, но и да им дадеме сигнал на сите дека ПОРТИТЕ на КОЧАНИ се отворени.“ – стои во соопштението од Крствески.
Во меѓувреме, во сабота 12 јули во 18:05 часот ќе се одджи нов Марш за ангелите по кочанските улици, а претходно во 16:30 часот во Домот на културата „Бели Мугри“ – Кочани, ќе се одржи комеморативен настан со наслов
„Во сеќавање – посветено на загинатите од пожарот во Кочани“, организиран од страна на Општина Кочани.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет