Над 900 паркинг места во Штип и автомобили паркирани по тротоарите, даваат ли резултат заштитните столпчиња

Паркирани возила по тротоарите и понатаму останува еден од најчестите проблеми во Штип. Не само во централното градско подрачје туку и во останатите населени места. Иако Локалната самоуправа и ЈП Стипион посотојано работат на уредување и проширување на паркинг местата, сепак стои сликата каде паркинг местата се празни, а возилата се паркирани по тротоарите.

„И покрај сите апели и укажувања од страна на ЈП Исар ние сме сведоци на секојдневно узурпирање на тротоарските и јавни површини од несовесни возачи. Ова е најчесто во централното градско подрачје меѓутоа и во сите населби. На некои позиции сме свесни дека недостигаат паркинг места и работиме во овој дел, но во некои населби имаме примери каде има слободни паркинг места во непосредна близина, но возачите се паркираат на тротоарите.“ – вели Стефановски.

Во меѓувреме постојано се работи и на зголемување на безбедноста на пешаците и токму затоа се поставуваат заштитни столпчиња на тротоарите за да не се паркираат возила. Но, неизвесно е колку истите даваат резултат со оглед на фактот дека истите се уништуваат.

„Ние сме приморани на повеќе локации да поставуваме заштитни столпчиња со цел да овозможиме непречено движење на пешаците и нивна безбедност. Имаме поставено заштитни столпчиња во населбата Осми Номеври, на улицата Енгелсова, Сутјеска, Кирил и Методиј, кај градскиот саат, а се поставува и на Ванчо Прќе.“ – додава Стефановски.

Со активностите на терен изминатиот период зголемен е бројот на паркинг места во Штип и бројката е над 900. До крајот на годината оваа бројка треба да порасне на илјада, каде граѓаните ќе може да се паркираат и да платат за оваа услуга.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет