КК Соколи организираше јавна трибина „Штип сака кошарка“ – дискусија за развој на младинската кошарка, амбициите и развојот на клубот

Вчера во Штип кошаркарскиот клуб Соколи организираше јавна трибина под мотото „Штип сака кошарка“ каде се дискутираше за развојот на младинската кошарка во Штип, но и за амбициите на клубот.

„Вчера во Дом на млади се одржа јавна дебата на тема „Штип сака кошарка“ беше во организација на КК Соколи. Дека Штип навистина сака кошарка потврди и бројот на гости кои присуствуваа на неа, а секако и бројот на публиката која доаѓа на домашните натпревари во салата „Јордан Мијалков“ каде игра КК Соколи. На самата трибина беа отворени повеќе теми почнувајќи од младинска кошарка, амбиции на КК Соколи во сезонава што е во тек, кошаркарска инфраструктура“, рече портпаролот на КК Соколи, Горан Стаменков.

Претседателот на клубот, Љубе Здравков вели дека преку ова јавна трибина сакале да слушнат повеќе мислиња и идејни решение за развојот на кошарката.

„Сакавме да слушнеме повеќе мислиња, повеќе предлози и идејни решенија за развојот на кошарката во Штип. Како да напредува кошарката, како да Штип стане препознатлив град во нашата држава по кошарката. Беа присутни поранешни асови од почетокот на 70-тите години кои играле, оние што играле до крајот на минатиот век и овие што играле во почетокот на 21 век. Значи од сите категории ветерани беа тука и се слушнаа нивните мислења. Околу начинот на развојот на кошарката, пионерско-младинско академии, финансирање, инфраструктура, услови. Од сите овие излагања, ние како клуб ќе извлечеме одредени заклучоци и ќе направиме програме и стратегија за развојот на кошарката во иднина“, рече претседателот на клубот Љубе Здравков.

Клубот ќе прави стратегија за развојот на младинските погони, од каде сениорскиот тим ќе црпи играчи.

„Со одредени приватни школи за кошарка во нашиот град да направиме состанок каде што ќе дефинираме одредени работи, каде клубот како организирана целина може да помогне во правењето, тренирањето и да излезат кошаркари кои што ќе го прослават Штип понатаму. Во овој момент ние располагаме со мал број на играчи од Штип, бидејќи како што знаеме сите седум осум години кошарката во Штип беше во стагнација односно немаше клуб“, додава Здравков.

На ова јавна трибина се разговараше и за кошаркарската инфраструктура.

„Гледаме и дека општината има интерес во овој дел да помогне еве се прави една голема сала која ќе има 1.000 гледачи, ќе биде по стандардите на ФИБА и ќе може да се одржуваат натпревари на највисоко ниво, што значи дека и меѓународни натпревари ќе може да се играат во таа сала“, рече Здравков.

Соколи е моментално лидер во Втората лига, а амбициите на клубот се влез во Прва лига.

„Ние како клуб и управата и играчкиот кадар е на линија да обезбедиме пласман во Првата лига. Значи сите ја имаме таа желба сите целиме кон тоа исполнување“, вели претседателот на клубот, Здравков.

Клубот е финансиски стабилен и без долгови вели Здравков.

„Во делот на финансирањето на клубот во овој момент сме задоволни, значи клубот нема никакви долгови и кон играчи, федерација и кон останати добавувачи така да кажам и услуги кои се прават за нашиот клуб. Помошта од општината, помошта од министерството за спорт ни помага да некако во тој дел бидеме полагодни и да ја планираме нашата работа“, рече Здравков за М Нет телевизија.

Доколку клубот обезбеди влез во Првата лига, тоа ќе значи потреба од креирање на значително повисок буџет, а клубот веќе работи и на тоа поле.

Александар Ванев, М-Нет