Три нефункционални товарни возила, булдожер и над 220 контејнери продава ЈП Исар

Три товарни возила, булдожер и над 220 контејнери продава ЈП Исар. Мнозинството советници на Советот на Општина Штип дадоа зелено светло за оттуѓување на движен имот на ЈП Исар. Како што посочи директорот, Александар Арсовски, станува збор за возила кои не се во функција, имаат механички оштетувања и долго време не се регистрирани.

„Донесена е одлука од страна на Управниот одбор на ЈП Исар за отуѓување на движни ствари по пат на продажба. Стварите не се употребливи и функционални, имаат механички оштетувања и подолго време не се регистрирани.“ – вели Арсовски.

Со продажба на овие движни ствари претпријатието очекува да добие околу 850 илјади денари, средвства кои ќе бидат искористени за набавка на други нови возила кои му се потребни на самото претпријатие.

„Со оглед на интезитетот на работни активности мора да кажам дека овие возила се амортизираат повеќе од три пати согласно предвидените законски норми за амортизирање затоа што во недостаток на доволен број на возила тие работат во три смени.“ – додава Арсовски.

Продажбата на движните ствари ќе се изврши по пат на електронско јавно наддавање, со проценета вредност согласно Извештајот за процена на пазарна вредност на транспортни средства. Продажбата треба да ја спроведе Комисија формирана од страна на градоначалникот на Општина Штип.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет