
Кик-боксерката Марија Димовска освои златен медал на Атина Целинџ Европскиот Куп, Македонката имаше одличен настап и среде Грција го освои златниот медал и го развеа македонското знаме.
Во финалето на категорија лоукик до 60 килограми, Димовска ја совлада Хелен Каталагариану од Грција, со што Македонката го освои златниот медал.
Овој резултат за Димовска која е член на кик бокс клубот Енерџи од Битола не е случаен, таа континуирано има големи резултати на светско ниво. Димовска е репрезентативец на Македонија од 2022 година како постар кадет кога се уште се бореше на татами во дисциплината киклајт.
Во 2023 година Димовска стана вице европски првак на Европското првенство за млади во Истанбул, Турција, а во 2024 година освои златен медал на Светското првенство за млади во Будимпешта, Унгарија. Димовска цела година е без пораз во дисциплината и категоријата на која се натпреварува, а тоа е лоукик постар јуниор на минус 60 килограми.
„Резултатите не се случајни и за да се стигне до нив, ние редовно учествуваме на меѓународни рангирани клупски турнири каде со секоја победа собираме ранкинг поени и искуство со најдобрите борци во категоријата и дисциплината во која се натпреваруваме“, ни изјави тренерот Алексадар Димовски.
Овие се големи резултати за Марија Димовска, која со напорна работа и тренинзи собира медали од големите натпреварувањa.
Александар Ванев, М-Нет