
Во рамки на 16. коло од Првата кошаркарска лига на Македонија екипата на Пелистер доживеа пораз откако беше поразена од Кожув во Гевгелија со резултат од 91:73. Во одличен и добар меч за Кожув првите две четвртини беа клучни за победата на домашниот состав.
Шкупи ја продолжува одличната победничка серија со трета победа во низа, откако на домашен терен славеше над ТФТ Скопје со 87:82 и го изненади фаворитот. Мечот меѓу Феникс и Тиквеш се решаваше во продолженија, каде тимот на Феникс со 112:103 беше подобар од тимот од Кавадарци.
Гостивар е во длабока резултатска криза со четири порази во низа и со тоа е претпоследен на табелата или во зоната која води кон плеј-аут семгентот каде се разигрува за опстанок во кошаркарската елита на Македонија, откако Гостивар дома загуби од МКК Куманово со 56:62.
Шампионот МЗТ Скопје го доби мечот со Чаир со резултат од 86:74 и со тоа ја продолжува победничката серија за пет од пет, а пак Работнички со 112:73 го декласираше „фенерџијата“ Вардар, кој е единствен тим кој нема триумф во тековната сезона.
Во однос на табелата на врвот е МЗТ Скопје со 29 бодови на своето конто, ТФТ Скопје е втор со 27 бодови, а по 26 бодови за делба на третото место имаат Работнички, Кожув, Куманово и Пелистер. Седми е Чаир со 24 бодови, а пак Феникс е осми со 23 бодови.
На деветтата позиција е Тиквеш со 22 бодови, а толку има и Шкупи, кој е десетти. Претпоследен е Гостивар со 21 бод, а на дното со 16 бодови, и без ниту еден триумф е Вардар.
Александар Ванев, М-Нет