Капитенот Филип Кузмановски петти најдобар стрелец на Светското првенство, рекордот на најмногу постигнати голови го држи Кирил Лазаров!

Заврши Светското првенство во ракомет, Данска со победата над Хрватска од 32:26 го освои четвртото злато во низа, рекорд кој тешко дека некогаш некоја репрезентација ќе може да го сруши. Данска го освои златото, Хрватска среброто, Франција е бронзена, а Португалија испиша историја како четвртопласирана.

Што се однесува до најдобрите стрелци на Мундијалот кој се играше во Хрватска, Данска и Норвешка, капитенот на македонската ракометна репрезентација, Филип Кузмановски, заврши како петти најдобар стрелец со постигнати 49 погодоци. Популарниот „Фитиљ“ овие 49 погодоци ги постигна на шест одиграни натпревари.

Најдобар стрелец на Мундијалот беше Данецот Матијас Гидсел кој беше прогласен и за најдобар играч на Мундијалот, а постигна 74 погодоци.

Што се однесува до рекордот на најмногу постигнати погодоци на Светските првенства, рекордот го држи Кирил Лазаров, поранешен ракометар, а сега селектор на Македонија, кој на Светското првенство во 2009 година постигна 92 погодоци.

Македонија заврши на 15. место на Светското првенство кое се играше од 14. јануари до 2. февруари во три држави.

Александар Ванев, М-Нет